Во својата стара татковина Словените немале писмо и, како што вели Црноризец Храбар во делото "О писменех" (за буквите), долго време, "со цртички и рески читаа и гатаа". Имале некој вид рабуш. Кога дошле на Балканот и се покрстиле, словенските зборови ги пишувале со римски и грчки букви без правила. Со такво писмо не било можно точно да се напишат многу словенски зборови. Во грчката азбука немало букви за многу словенски гласови. "Потоа свети Константин Философ наречен Кирил, маж праведен и вистинољубив, им создал 38 букви, едни според грчките букви, други по словенскиот јазик."
Еве како станало тоа: во 862 година великоморавскиот кнез Ростислав, сакајќи да ја заштити Велика Моравија од германско политичко и културно ропство, му пратил писмо на византискиот цар Михајло 3 со кое му нудел војнички сојуз. Истовремено барал да му се испратат учени луѓе кои ќе можат да шират просвета и култура на словенски јазик ви Моравија.
Византискиот цар Михајло го прифатил предлогот, бидејќи имал корист од тоа-една земја од западната сфера на влијание сама му се нуди да потпадне под влијание на Византија. Затоа тој ги повикал кај себе двајцата учени браќа, Кирил и Методиј, и им ја поверил мисијата во Велика Моравија. Таа се состоела во преведување на христијански богослужбени книги од грчки на словенски јазик, со писмо што допрва требало да го состават. Потоа, така подготвени, требало во Моравија да ги преведат моравските Словени во христијанство.
Кирил за кратко време создал азбука од 38 букви - глаголицата. Со неа тој и брат му Методиј ги превеле од грчки на словенски првите црковни книги и во пролетта на 863 година заминале за Велика Моравија.
Утврдено е дека кирил ја создал азбуката глаголица по углед на грчкото минускуларно (курзивно) писмо, кое веќе било во употреба во 8 - 9 век. Тој ги позајмил буквите што ги имало во грчката азбука, а за оние гласови за кои немало букви во неа, измислил нови знаци.
Но, Словените се служеле со две азбуки и тоа во приближно исто време, со глаголицата и кирилицата. Бидејќи најстарите споменици на словенско писмо не датираат од времето во кое живееле и пишувале Св. Кирил и Методиј, туку дури од 10 и 11 век, во науката настанал спор за тоа која азбука е дело на Кирила, глаголицата или кирилицата која го носи неговото име.
No comments:
Post a Comment